hs-CRP служи за високосензитивно одредување на C-реактивниот протеин, акутно-фазен протеин синтетизиран во црниот дроб, чиешто создавање е регулирано пред сè од проинфламациски цитокини, особено интерлеукин-6.
За разлика од стандардниот CRP, којшто се користи главно при процена на изразени воспалителни, инфективни процеси или процеси што ги оштетуваат ткивата, hs-CRP овозможува прецизно мерење ниски концентрации на CRP. Токму затоа има значење во процената на хронично нискостепено системско воспаление, коешто претставува важен патофизиолошки механизам во развојот и прогресијата на атеросклерозата.
Во кардиоваскуларната процена, hs-CRP не ги заменува традиционалните ризик-фактори како што се: LDL-холестеролот, non-HDL-холестеролот, ApoB, артерискиот крвен притисок, гликемијата, HbA1c, пушењето, телесната тежина и фамилијарната анамнеза. Неговата вредност е во дополнителното раслојување на ризикот, особено кај пациентите кај кои постои сомнеж за резидуален воспалителен ризик којшто не е целосно видлив преку класичниот липиден и метаболички профил.
hs-CRP може да биде клинички корисен кај лица со дислипидемија, граничен кардиометаболички ризик, инсулинска резистенција, предијабетес, дијабетес, артериска хипертензија, прекумерна телесна тежина, висцерална адипозност, метаболички синдром, пушење, позитивна фамилијарна анамнеза за предвремена кардиоваскуларна болест, како и кај пациенти со веќе позната кардиоваскуларна болест.
За правилна интерпретација, hs-CRP треба да се одредува кога пациентот е клинички стабилен. При состојби на активна инфекција, настинка, грип, траума, хируршка или стоматолошка интервенција, како и при скорешна вакцинација може привремено да се зголеми вредноста, ограничувајќи ја употребливоста на резултатот за кардиоваскуларна процена.
Вредностите на hs-CRP над 10 mg/L најчесто не треба да се интерпретираат како показател за кардиоваскуларен ризик, туку упатуваат на потреба од процена за можна акутна или хронична воспалителна причина. Во таков контекст, анализата треба да се повтори откако ќе се постигне клиничка стабилизација.
Важно е да се нагласи дека hs-CRP е неспецифичен биомаркер. Со него не се поставува дијагноза, не се одредува локализацијата на воспалението и тој не е маркер за акутно миокардно оштетување. При сомнеж за акутен коронарен синдром, најрелевантни се кардиоспецифичните маркери, пред сè тропонин, заедно со ЕКГ и клиничката слика.
hs-CRP има најголема клиничка вредност кога се толкува заедно со липидниот профил, ApoB, регулацијата на шеќер, крвниот притисок, телесната тежина, пушачкиот статус, фамилијарната анамнеза и целокупната клиничка слика.
hs-CRP не дава самостојна дијагноза, но може да биде значаен дополнителен показател за нискостепено системско воспаление и резидуален кардиометаболички ризик.
* Текстот е со едукативна цел. Секој лабораториски резултат треба да се интерпретира од лекар, во контекст на клиничката состојба на пациентот.
д-р Владимир Андовски,
специјалист по медицинска биохемија
ПЗУ Дијагностика Фармахем
Специјалистичка биохемиска лабораторија – Постојан квалитет од 1997 година