Инсулинска резистенција – улогата на инсулинот и кортизолот

Одржувањето стабилна концентрација на гликозата во крвта зависи од прецизна рамнотежа меѓу инсулинот и хормоните со контрарегулаторно дејство, меѓу кои значајно место има кортизолот.

По внесувањето храна, бета-клетките на панкреасот лачат инсулин. Тој го овозможува навлегувањето на гликозата во клетките, особено во мускулното и масното ткиво, каде што таа се користи како извор на енергија. Истовремено, инсулинот го ограничува создавањето и ослободувањето гликоза од црниот дроб.

Кортизолот се создава во кората на надбубрежните жлезди и има контрарегулаторно метаболичко дејство. Во услови на физички или психолошки стрес, тој придонесува за зголемено создавање гликоза во црниот дроб и за намалување на нејзиното искористување во периферните ткива. На овој начин, организмот обезбедува брзо достапна енергија потребна за приспособување кон стресната состојба.

Краткотрајното зголемување на кортизолот претставува нормална физиолошка реакција. Меѓутоа, продолженото прекумерно дејство на кортизолот, како при патолошки хиперкортицизам или долготрајна терапија со глукокортикоиди, може да ја намали чувствителноста на ткивата на инсулинот. Нарушениот сон и долготрајниот стрес, преку повеќе хормонални и метаболички механизми, исто така, можат да ја влошат веќе постојната инсулинска резистенција.

Кога чувствителноста на ткивата на инсулинот е намалена, панкреасот како компензација лачи поголемо количество инсулин за да ја задржи гликозата во нормални граници. Поради тоа, во раната фаза, гликозата на гладно може да биде уредна, иако концентрацијата на инсулин е веќе зголемена. Со текот на времето, доколку механизмот на компензација веќе не ги задоволува потребите, може да дојде до зголемување на гликозата и развој на преддијабетес или дијабетес тип 2.

HOMA‑IR е хомеостатски модел за индиректна процена на инсулинската резистенција, заснован на концентрациите на гликоза и инсулин измерени истовремено во примерок на крв земен на гладно. Повисоката вредност укажува дека на организмот му е потребно поголемо количество инсулин за одржување на гликозата, односно дека постои намалена проценета чувствителност на инсулин.

HOMA‑IR може да укаже на рана метаболичка промена во периодот кога гликозата на гладно сè уште се наоѓа во референтните граници. Сепак, тој не претставува самостоен дијагностички тест и треба да се толкува заедно со клиничките податоци и останатите лабораториски наоди.

Кортизолот не е составен дел од пресметката на HOMA‑IR, но со неговото истовремено одредување се дополнува лабораториската процена со информација за концентрацијата на еден од најзначајните контрарегулаторни хормони. За правилно толкување мора да се земат предвид времето на земањето на примерокот, дневниот ритам на кортизолот, акутниот стрес, квалитетот на сонот и евентуалната терапија со кортикостероиди. Еднократната вредност не треба да се толкува самостојно како мерка за степенот на хроничен психолошки стрес.

Интегрираното одредување на гликозата, инсулинот, HOMA‑IR и кортизолот овозможува поширок почетен увид во метаболичката и хормоналната состојба отколку изолираното мерење на гликозата. Оваа процена може да биде особено корисна кај лицата со абдоминална дебелина, тешкотии при намалувањето на телесната тежина, масен црн дроб, нарушен липиден профил, синдром на полицистични јајници, нарушен сон, семејна историја на дијабетес или со гранични вредности на гликозата и HbA1c.

Со навременото препознавање на метаболичките промени се овозможува рано преземање соодветни мерки во исхраната, физичката активност, регулирањето на телесната тежина, подобрувањето на сонот и контролата на стресот, пред да се развијат посериозни нарушувања на гликорегулацијата.

д-р Владимир Андовски, спец. мед. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 18

е-пошта: lab@farmahem.com.mk, vladimir.lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk